Само Леброн го може тоа – единствен со 40+ поени против сите во лигата

Иако е навлезен во 39. година од животот, Леброн Џејмс не престанува да испишува нови страници во својата кариера и во НБА лигата.

Ноќеска тој блескаше во дуелот против Лос Анџелес Клиперс иако не успеа да му донесе победа на својот тим. Сепак, постигна 46 поени и постави еден несекојдневен рекорд кој тешко дека некој ќе го надмине во блиска иднина.

Леброн стана прв играч во историјата на НБА кој барем еднаш постигнал 40 или повеќе поени против сите 30 екипи во лигата. Клиперс беа последни што недостасуваа на списокот, но од синоќа тоа повеќе не е случај.

Следниот рекорд што ќе го постави Леброн, можеби веќе идната недела е еден од најважните во НБА лигата. Му недостасуваат само уште 178 поени за да го помине Карим Абдул Џабар и да стане најдобар стрелец на сите времиња.