Само Хрватска, Србија и Романија се подобри од Македонија во Лигата на шампионите

Пред почетокот на новото издание во Лигата на шампионите, добро е да се потсетиме дека Македонија има тројца освојувачи на титулата во елитното натпреварување иако двајца од нив го кренаа пехарот кога тоа го носеше името Куп на европски шампиони.

Се разбира, станува збор за Дарко Панчев и Илија Најдовски кои во 1991 година со Црвена Звезда триумфираа во последното издание на КЕШ по тој формат. Во финалето, Звезда тогаш беше подобра на пенали од Олимпик Марсеј и стана прв и единствен клуб од просторите на поранешна Југославија со шампионскиот трофеј.

Чекавме 19 години за третиот Македонец со пехарот и го дочекавме во Горан Пандев. Струмичанецот ја освои титулата во 2010 година како член на Интер кој во тогашното финале беше подобар од Баерн во Мадрид со 2-0. Пандев беше фудбалер на Интер помалку од пет месеци бидејќи во јануари доби дозвола од Лацио да се пресели во миланскиот гигант.

Со тројца освојувачи на трофејот од Лигата на шампионите, Македонија е на четвртото место од сите балкански држави кога станува збор за бројот на фудбалери кои триумфирале во ова натпреварување. Од поранешните југословенски републики, пред нас се само Србија со 9 и Хрватска со 10 фудбалери, а од остатокот од Балканот, пред нас е единствено Романија со 12 и тоа благодарение на титулата на Стеауа во 1986 година. Од останатите, БиХ и Црна Гора имаат по двајца, Бугарија еден, а другите држави од регионот, па дури и Грција, немаат фудбалер со титула во Лигата на шампионите или Купот на европските шампиони.

На првото место во овој сегмент се наоѓа Шпанија со 78 фудбалери што не е никакво изненадување ако се знае дека само Реал има 14 трофеи во елитното натпреварување, на второто место е Италија со 72, па Англија со 69. Многу е интересно тоа што Грција нема фудбалер со титула во Лигата на шампионите, но има Сан Марино во Масимо Бонини кој во 1985 година триумфираше како играч на Јувентус.