Салах не беше ни во Топ 5 за „Златната топка“, но доби награда која Меси никогаш не ја освоил

Во ноќта кога Лионел Меси по седми пат ја освои „Златната топка“, беше тешко да се забележи дека Мохамед Салах исто така доби вредна награда.

Салах ја доби „Златно стапало“ што значи дека отпечатокот од неговото стапало ќе добие место на патеката на шампионите во Монако заедно со оние на Баџо, Недвед, Шевченко, Роналдо, Дел Пиеро, Роналдињо, Тоти, Ибрахимовиќ, Дрогба, Буфон, Кристијано Роналдо…

Фантастичниот Египќанец не беше дел од церемонијата, па наградата ја прими неговата сопруга Маги Седек што е едно од ретките нејзини појавувања во јавноста.

„Златното стапало има посебно значење за мене бидејќи оваа награда ја освоиле голем број фудбалски легенди. Поради тоа се сметам за навистина посебен“, изјави фудбалерот на Ливерпул.

Номинирани за наградата беа и Меси, Пике, Левандовски, Кјелини, Нејмар, Рамос, Агуеро, Бензема и Лукаку, но наградата на крајот му припадна на Салах.

„Златно стапало“ е награда која воопшто не е лесно да се освои. Според правилата, може да се добие само еднаш во кариерата, а кандидатите мораат да имаат најмалку 28 години. Комисијата бира 10 кандидати, а на крајот навивачите преку онлајн гласање го бираат најдобриот.