Сведоци сме во изминатите години како во Македонија долги периоди, со години и години и со дополнителни пари од предвиденото се градат патишта, болница, фабрики, сали, базени и слично. Односно се пробиваат многу термини, се трошат еден куп пари за да се дојде до целта.
Епа таков проблем нема една Саудиска Арабија која на светот му одржа уште една лекција по градба. Веројатно ниту една земја во светот во моментов не инвестира во спортска инфраструктура како што тоа го прави Саудиска Арабија, што го потврдува и изградбата на мултифункционален објект за помалку од два месеци.
Саудијците во Ријад веќе четврта година организираат своевиден саем кој покрај промоција на деловните субјекти опфаќа и различни спортски настани. Оваа година централен настан на саемот секако ќе биде борбата меѓу Британецот Тајсон Фјури и поранешниот шампион на УФЦ Френсис Нгану, на 28 октомври.
За потребите на саемот Саудијците за два месеци успеаја да изградат неверојатен мултифункционален објект, што звучи нереално. Објектот е изграден на површина од 200.000 квадратни километри, висок е 42 метри и може да прими до 40.000 луѓе во исто време.
Ги исполнува сите најсложени стандарди и може да се користи не само за одржување концерти, туку и за играње натпревари. Трошоците за изградба на Булевар сала, како што се нарекува овој објект, не се обелоденети, но дефинитивно чинеше многу пари, што е најмал проблем на Саудијците.
Кралското семејство одлучи Саудиска Арабија да почне да игра важна улога во светот на спортот, а доказ за тоа се бројните фудбалски трансфери.
Само во последните неколку месеци околу една милијарда евра се инвестирани во бројни нови ѕвезди како Кристијано Роналдо, Карим Бензема и Нејмар, вклучувајќи плати и трансфери. Покрај тоа, Саудиска Арабија е домаќин и на трката во Формула 1, така што за богатите Саудијци небото е граница кога станува збор за спортски настани.
Големиот план е домаќинство на Светското првенство во фудбал во 2030 година, па останува да се види дали таа цел ќе се реализира.