Русите шампиони во Дејвис Купот, Хрватите без освоен сет во финалето

Руските тенисери ја совладаа Хрватска во финалето од Дејвис Купот и дојдоа до престижниот трофеј по трет пат во историјата. Триумфот во борбата за титулата ја најави Андреј Рубљов со победата над Борна Гоја со 2:0 (6:4, 7:6), додека славјето пред дубл мечот го завери Данил Медведев совладувајќи го Марин Чилиќ со 2:0 (7:6, 6:2).

Медведев до победата над 30-тиот тенисер на светот дојде по еден час и 29 минути игра, а значително полесна работа имаше во вториот сет. Вториот светски рекет прилично се намачи во борбата за првиот сет, а откако го скрши ривалот во тај-брејкот, за половина час со два брејка режираше големо славје во Мадрид.

Претходно, Андреј Рубљов за речиси истото време режираше победа над Борна Гоја. Хрватскиот тенисер по 35 минути борба го испушти првиот сет, но успеа да го намачи ривалот во продолжението и да потклекне дури во тај-брејкот.

Со две победи во сингл, Русите избегнаа излегување на мегдан против најдобриот дубл на светот Никола Мектиќ и Мате Павиќ.

Русија претходно трофејот во Дејвис Купот го освојуваше во 2002 и 2006 година, додека Хрватска останува со две освоени титули.