Роналдо денеска против Персеполис, четворица Македонци играле за овој ирански клуб

Во рамките на азиската Лига на шампиони, денеска од 20 часот во Техеран се среќаваат екипите на Персеполис и Ал Наср, претставници на Иран и Саудиска Арабија.

Член на Ал Наср е Кристијано Роналдо, па поради тоа овој меч е интересен и за азиската и за европската фудбалска јавност. Тоа ќе биде негово деби во Лигата на шампионите на Азија каде ќе се обиде да ги повтори успесите од европскиот пандан на ова натпреварување. Дебито ќе го забележи во иранската престолнина и против клубот кој е добро познат и во Македонија затоа што во него настапувале четворица наши фудбалери.

Двајца од нив се голмани, еден е дефанзивец, а еден играч од средниот ред, односно крило. Прв во Персеполис дојде голманот Саша Илиќ кој бранеше таму во сезоната 2003/04 и забележа најмногу настапи од сите Македонци во овој клуб – 31. На почетокот од следната сезона, во Персеполис се пресели дефанзивецот Илче Перески кој замина од Караорман и настапи на 13 натпревари. По него, играч на славниот ирански клуб стана уште еден голман – Јане Николоски, но тој ниеднаш не застана на голот на официјален натпревар. Последен, во Персеполис замина репрезентативецот Влатко Гроздановски кој играше таму во 2013 година и на 11 натпревари постигна два гола.

Според бројот на играчи, Македонија го дели второто место на листата на странски фудбалери кои играле во Персеполис. Најмногу имало од Бразил, деветмина, а по четири има од Македонија, Нигерија и Хрватска. Во моментов нема ниеден Македонец во редовите на Персеполис.