Рој Кин директен: Се додека Јунајтед има играчи како Фред и Мектоминај нема да освојува големи трофеи

Некогашниот капитен на Манчестер Јунајтед, Рој Кин, секогаш бил директен на теренот, но и надвор од него, па така жестоко распали и по играчите на „Црвените ѓаволи“ по разочарувачкиот пораз во дербито со Ливерпул.

„Црвените“ сериозно ја казнија целосно разбиената одбрана на домаќините во отсуство на Хари Мегваер, а и средниот ред беше целосно неповрзан, без можност да даде отпор на противникот.

„Сите недостатоци на Јунајтед излегоа на виделина во последните неколку дена. Погледнете го учинокот на двајцата играчи за врска. Мектоминај е добар, искрен играч. И го имаат Фред. Се додека тие двајца играчи се во Манчестер Јунајтед, клубот нема да освои големи трофеи“, изјави Кин.

Дури во завршницата од мечот, кога наместо Фред во игра влезе Гринвуд, Рашфорд се пресели на левата страна, а Погба се врати во средината, Јунајтед покажа позитивни работи во својата игра.

„Кога во Јунајтед ќе го изберат Погба да игра на левата страна, тоа значи дека Рашфорд мора да оди десно и рамнотежата на екипата пропаѓа, тоа сме го виделе премногу пати. Тоа е нешто што треба да се поправи. На Јунајтед му е потребна таа опција на десната страна, а Солскјер мора да сфати дали Погба може да игра во централниот дел од средниот ред или не во големите натпревари. Ако не игра, тогаш целата рамнотежа на тимот се менува кога е поставен лево. Очигледно беше подобро за целиот тим кога во игра влезе Гринвуд и Рашфорд се пресели на левата страна“.

Сепак, рамнотежата во маневрот не беше единствен проблем.

„Недостатокот на Мегваер во одбраната е очигледен. Луѓето се препрашуваат колку е добар Мегваер, но тоа се гледа само кога не игра. Знам дека Оле му дава време на Фред, но јас не гледам на кој начин тие мислат дека Фред ќе го врати Јунајтед на старите патеки на освојување трофеи“.

Имаше остри критики и за голманот Дин Хендерсон.

„Голманот ни вечерва не изгледаше сјајно. Имаше грешка по грешка. Една лоша ноќ за Јунајтед. Мегваер е загуба, но ова се грешки на почетник. Тоа нема никаква врска со отсуството на Мегваер. Синоќешниот настап не беше ни одблиску доволен. Сите недостатоци на Јунајтед се покажаа во последните неколку дена. Немаше доволно квалитет, Ливерпул можеше да постигне шест или седум голови“.

Кин смета дека оваа екипа не е во состојба да се бори за шампионската титула во Премиер лигата.

„Оваа екипа нема сили да се натпреварува против Манчестер Сити. Застрашувачки е колку Сити е пред оваа екипа. Мислам дека Оле ќе размисли за претходните денови и ќе помисли ‘ни требаат три или четири големи играчи ова лето’“, порача Кин.