РК Вардар очекувано доминираше во изборот за најдобри во Град Скопје

Капитенот на Ракометниот клуб Вардар, Стојанче Стоилов е избран за спортист, а каратистката на Макпетрол, Сара Радичевска за спортистка на годината во изборот на Град Скопје.

Европскиот ракометен шампион доминираше на изборот. Покрај Стоилов, клубот го освои признанието за најуспешна спортска екипа, а Даинис Кристопанс е најдобар странец.

Најуспешен млад спортист е Бесир Алили од боречкиот клуб Лирија, тој го освои првото место на Европското првенство за кадети. Лирија доби уште една награда, тренерот Суфијан Исмаили е прогласен за најдобар тренер.

Наградата за најталентиран млад спортист ја доби тенисерката Александра Симева која победи на два големи меѓународни турнири.

Во категоријата за најуспешен спортист од лица со посебни потреби, најдобар е Марио Мицковски кој освои прво место во пливање на 50 метри слободно и прво место на 25 метри грбно на Летните олимписки игри на Специјалната олимпијада.