Рико пред вториот сезонски предизвик во Муџело: Дождот ќе биде најголем противник

Македонскиот автомобилист Ристо Вуков Рико со силни чекори и храбро граби низ предизвиците што ги носи деби сезоната во силниот Порше Карера ГТ3 Куп на Италија.

Пред Рико викендов е петтата рунда од споменатиот шампионат, односно 9-та и 10-та трка во сезоната. Истите ќе се возат на славната патека во Муџело.

Ова ќе биде по вторпат сезонава во Порше Карера ГТ3 Купот да се возат трки на Муџело, патека која му е во добри спомени на Рико.

Токму на оваа патека започна целата приказна, а на деби трката финишираше како 9-ти и освои два бода, а следниот ден на втората трка помина како 10-ти низ целта и повторно влезе во зоната за бодови.

Иако на Рико оваа патека му е позната, сепак нема да му биде лесно викендов со оглед најавите за временските неприлики.

„Како и секогаш, јас сум оптимист и за оваа трка, но во истатата влегувам со доза на претпазливост. Причините се што најавите велат дека ќе врне за време на цел викенд и се очекува патеката да е доста мокра. Ова менува многу, ќе мора да се вози со гуми за дожд, ќе се менува и сетапот на возилотo. Исто така се менува и траекторијата на движењето на патеката, а сето тоа значи дека како јас, така и конкурентите ќе бидат побавни“, изјави Рико.

Веќе утре, Рико со почеток од 16:00 часот ќе го има својот официјален тренинг, пред саботните утрински квалификации. Првата трка во сабота е закажана со почеток од 16:00 часот низ пренос на МРТ3.

Редакцијата на Спортклуб дозволува превзeмање на овој текст.