Рико од прва проговори како е да се тркаш со „ѕвер“ од автомобил како Порше Карера

Ристо Вуков Рико кој што е пријатно освежување сезонава на македонската автомобилистичка сцена е во самиот финиш од деби сезоната во Порше Карера ГТ3 Купот на Италија.

До крајот на сезоната останува уште една трка, која се вози на 8 ноември на култната стаза Монца. Рико периодов се наоѓа во Македонија каде што конечно по напорната сезона има малку време за одмор. Ова го искористивме да поразговараме со Рико кој ни кажа нешто повеќе за возилото со кое што се трка.

„Поршето е со 500 коњски сили, односно 4000 кубика. Тежи само 1200 килограми, поточно задниот дел е тежок 800 килограми, додека предниот 400 килограми. Произведен е во 2018 година, фабрички модел за трки. Менувачот е шест брзински, секвенцијален. Заштитниот кафез внатре е железо, додека се друго е пластика и карбон“ вели Рико и додава:

„Резервоарoт за гориво е со 70 литри, а се користи тркачко гориво панта. Поршето има погон на задни тркала. За еден тркачки викенд се користат три сета гума, односно два за трки. Има подесување за мокро или за суво. Има АБС систем, кој што има десет подесувања. Секоја трка се менуваат плочките и се ставаат нови, додека на секоја втора и дискови и нови плочки. За едно возило се грижи тим од шест луѓe. Ова возило може да развие брзина над 300 километри на час, додека на трките каде што возам јас најголема брзина е на Монца со 286 километри на час“.

Го прашавме Рико да ни направи една мала споредба помеѓу Поршето и возилата кои што ги има возено.

„Еве за споредба ќе ги земам ТЦР натпреварувањата каде што имам тестирано такво возило, поточно Сеат Леон Купра. Поршето има погон на задни, а возилата во ТЦР погон на предни тркала. ТЦР возилата се со 350 коњски сили додека како што споменав Поршето е 500 коњски сили. Секој што возел вакви возила знае дека е доста посигурно на погон на предни тркала, додека погонот на задни може многу полесно да ти проклиза, самото кочење е поразлично“ истакна Рико и додаде:


„Кога возиш ТЦР е многу посигурно кочењето, втора работа влегувањето во кривини е доста различно. Моментот кога треба да дадеш гас, можеш многу да скратиш за разлика од Поршето кое е многу тврдо за возење и лесно можеш да изгубиш од контрола на патеката. Многу мора да се внимава и да се избегне контакт со друго возило. Добро познато е колку се поголеми брзините, шансите да имаш контакт со допир со друго возило се се помали“.

Редакцијата на Спортклуб дозволува превзeмање на овој текст.