Резиме на „отпишаниот“: Фетел погреши со Ферари, или од Маранело погрешија со Германецот?

Себастијан Фетел по цели 6 сезони поминати во Ферари, без освоена шампионска титула, се сели во редовите на Астон Мартин од следната сезона.

За германскиот возач постоеше опасност или реалност, да се пензионира од Ф1, во која се стекна со 4 шампионски титули, но веројатно ќе беше дополнителен срам за Фетел да замине од Ф1, по вакви 6 сезони во Ферари.

За волја на вистината, Ферари при пристигањето му вети шампионски болид, но тој не успеа да освои титула со момците од Маранело, иако една сезона беше блиску до тоа сценарио.

Но следната сезона веројатно ќе даде одговор на мистеријата околу перформансите на Себастијан Фетел, дали тој е веќе за „старо железо“, или Ферари сезонава навистина е во ужасна форма и пад.

Сезонава е веројатно најслабата на Фетел од неговото доаѓање во италијанската екипа, нешто што го потврдуваат и перформансите на младиот Леклер, кој за разлика од оваа, претходната сезона беше перфектен, со неколку победи.

Фановите на Ферари знаат да кажат дека Ферари го уништи Фетел, во кој гледаа можеби најтрофеен возач во историјата на Ф1 кога го донесоа во Маранело, но целокупната оценка и проценка можеби е и нешто поинаква.

Ферари му испорача шампионски болид на Фетел во 2018 година, тој имаше неверојатни трки, беше водечки во генералниот поредок, беше на повеќе од 40 бодови пред Луис Хамилтон, а тој успеа сето тоа да го прокоцка, по онаа несфатлива грешка за ГН на Германија, од каде што почна психолошкиот пад на Германецот.

Од тоа излетување, генерално Ф1 публиката како да гледаше еден друг Фетел, блед возач кој не наликуваше на оној жесток дечко од редовите на Ред Бул, со кои нанижа четири титули по ред и беше опасност за остварувањето на Михаел Шумахер со 7 освоени титули, но затоа сега тоа е реалност и Луис Хамилтон е на најдобар пат да го изедначи остварувањето на „црвениот барон“.