Без голема помпа, со која почна целиот случај во септември, суперѕвездата на Далас Маверикс, Лука Дончиќ и неговата мајка Мирјам Потербин ги решија несогласувањата во врска со имиџ правата на кошаркарот.
Далас Морнинг Њус објави дека на 5 декември, Дончиќ ја повлекол тужбата против мајка му и во исто време го заштитил логото каде доминира бројот 77, а кое го промовира во септември 2021 година, неколку дена откако потпиша нов договор со Далас, за 207 милиони долари. На Мирјам Потербин ѝ останува старото ЛД7 што беше регистрирано во 2018 година кога Дончиќ беше избран од Мавс на драфтот и ја почна својата НБА кариера.
Во 2020 година, кошаркарот ѝ ги додели правата на својата мајка, но лани дојде до голем конфликт меѓу нив двајца откако Дончиќ дозна дека таа, наводно, ги пренела истите на својот партнер. Целата сага се случуваше за време на Европското првенство каде Словенија не успеа да ја одбрани титулата, ниту да влезе во конкуренција за медал.