Реал скапо ја плати победата на Енфилд: Во Ел Класико без двајца фудбалери

Реал Мадрид е на чекор од пласман во четвртфиналето од Лигата на шампионите, но Карло Анчелоти ќе има многу проблеми во периодот што претстои.

На натпреварот против Ливерпул на Енфилд, актуелниот европски шампион остана без двајца важни фудбалери во составот: Давид Алаба и Родриго. Двајцата нема да играат претстојниот викенд против Атлетико во дербито од Ла Лига, но ќе ги нема ниту во Ел Класико во полуфиналето од Копа дел Реј. Натпреварите се од огромно значење за Реал бидејќи евентуален кикс против Атлетико најверојатно ќе значи крај на надежите за одбрана на титулата во домашното првенство, а против Барса секој гол е важен и покрај тоа што има реванш.

Алаба поминал нешто потешко и тој ќе биде надвор од тимот еден месец, односно околу 40 дена со оглед на тоа што пред крајот на март има репрезентативна пауза. Во овој период, тој ќе ги пропушти дуелите со Атлетико, Барселона (Копа дел Реј), Бетис, Еспањол, Ливерпул (ЛШ) и повторно Барселона, сега во првенството. Се очекува да се врати во мечот од Ла Лига против Ваљадолид, а потоа да игра против „каталонците“ во реваншот на Камп Ноу.

Родриго ќе биде во „аут“ само десетина дена, но сепак ќе пропушти важни дуели. Добра вест за Анчелоти е тоа што Чуамени е подготвен за игра, а Менди е се подобар и се очекува наскоро да се врати во тимот.