Ракометот е спорт во кој Норвешка ги освојува титулите

Репрезентацијата на Норвешка по деветти пат е европски шампион откако вечерва во Љубљана ја победи Данска и ја одбрани титулата на континенталното натпреварување, чиј ко-домаќин беше и Македонија.

Норвежанките триумфираа со 27-25 и, меѓу другото, се реваншираа за поразот од својот скандинавски ривал во групната фаза. До победата стигнаа благодарение на пресвртот во второто полувреме откако кон средината на тој дел од мечот имаа и три гола негатива. Првпат поведоа во 53. минута со 24-23, а откако Данска израмни, следуваше серија од 3-0 за потврда на победата и нова европска титула.

Најзаслужна за победата беше Нора Мерк со осум гола, четири постигна Бреистол, а по три реализираа Реистад, Офтедал, Ердал и Ингстад. Кај Дансја, најефикасна беше Бургард со шест гола.

За Норвешка, ова е вкупно 13. медал на 15. Европско првенство, додека Данска првпат се најде на пиедесталот по пауза од 18 години. Последното одличје го освои во 2004 година во Унгарија кога во финалето, исто така, загуби од Норвешка.