Рајт не може да го преболи Луис Суарез и како Арсенал испадна смешен за една фунта

Легендарниот напаѓач на Арсенал Јан Рајт се уште го боли неуспешниот обид на „Топчиите“ во 2013 година да го доведат Луис Суарез во своите редови од Ливерпул.

Клубот од Лондон тогаш можел да го искористи лошиот статус на Уругваецот во јавноста, по гризењето на Бранислав Ивановиќ, но нивната понуда била недоволна, а „Енфилд“ дури ја сметаа и за смешна. Позната е веќе приказната за фамозната понуда на „Топчиите“.

Имен, челниците на Арсенал наслушнале дека Суарез има откупна клаузула во договорот од 40.000.000 фунти, па одлучиле да испратат понуда од 40.000.001 фунта, што сериозно ги налути челниците на Ливерпул, кој по ова одбиле било каква можност за соработка.

Всушност, информациите за клаузулата не биле точни, односно не биле целосни. За таа да можела да биде активирана, било неопходно Ливерпул за истата да го известат играчот, што не сакале да го направат, па Суарез 12 месеци подоцна замина во Барселона за нешто повеќе од 80.000.000 евра. Арсенал тогаш на дело ја покажа својата немоќ кога станува збор за трансфер пазарот.

„Вистински кошмар е да се размислува за тоа кога Суарез можеше да прејде во Арсенал. Но, ја направија таа смешна понуда, од една дополнителна фунта. Остана во Ливерпул и замина во Барселона, која ја направи подобра. Тој е неверојатен“, порача Рајт.

Суарез постигна 82 гола во 133 меча за Ливерпул, а во два наврати по ред ја надминуваше цифрата од 30 гола во сезона. Еден од најубавите погодоци го постигна против Њукасл во ноември 2012 година, кога на фантастичен начин исконтролира една долга топка и ја затресе противничката мрежа.

„Го постигна еден од најубавите голови кои сум ги видел во Премиер лигата. Луѓето зборуваат за Паоло ди Канио, но мислам дека голот на Суарез против Њукасл беше невероајтен. Исконтролира додавање од 60 метри со своето рамо и постигна гол“, се восхитува Рајт.