Рафаел Надал се повлече од Вимблдон

Рафаел Надал утре нема да игра во полуфиналето на Вимблдон против Ник Киргиос. Шпанскиот тенисер се повлекува од Вимблдон поради повреда, објави новинарот на Тајмс, Стјуарт Фрејзер, кој од лице место ги следи случувањата на Вимблдон, а подоцна го потврдија и други медиуми. Кирјос така без борба ќе влезе во финалето и ќе го чека подобриот од дуелот меѓу Новак Ѓоковиќ и Камерон Нори.

Да потсетиме, денеска Надал ги дозна резултатите од прегледот што ги направи откако вчера во пет сета го победи американскиот тенисер Тејлор Фриц. Уште пред осминафиналето на Вимблдон и мечот против Ботиќ ван де Зандшулп, Надал се пожали на болки во стомакот, а денеска е утврдено дека имал кинење на мускулот.

Лекарите потврдија дека се работи за расцеп од седум милиметри, па не беше јасно дали Надал ќе може да игра во полуфиналето, а денеска во 14 часот тренираше на 10-от терен на Вимблдон, кој е затворен за јавноста и каде што нема камери иако тоа не беше првичниот план.

Марка напиша дека Надал многу сакал да игра во полуфиналето, но и дека сака по секоја цена да ги избегне камерите откако ја дознал потенцијално катастрофалната вест. Вчера и Надал имаше проблеми, а снимката на која татко му го советува да се повлече од теренот и да му го даде мечот на Фриц го обиколи светот. Надал тогаш го отфрли советот и победи, но сега мораше да се повлече.