Рафа по освоениот трофеј: Ние и понатаму играме

Рафаел Надал денеска одигра атомски тенис и тоа против најголемиот ривал, Новак Ѓоковиќ. И тоа на најголемата сцена, финале на Гренд слем турнир. Ас каков што ретко се гледа, мајстор на својот занает, неуморен работник. Ретко кој има некој лош збор за пожртвуваниот Шпанец, ретки се приликите кога тој не испаѓа фер или остава лош впечаток, како на натпревар, така и приватно. Скромноста е она што го одржува реален и на место, а тоа е она што се крие зад неговиот историски 13-ти триумф на Ролан Гарос.

„Искрено, да ми кажеше некој пред месец и пол дена дека ќе го држам овој трофеј, не би му верувал. Но, во спортот работите се менуваат со молњевита брзина, а играта на ова ниво е работа на посветеност“, тврди Шпанецот.

„Се уште не знам што ќе правам после ова, дали ќе паузирам до крајот на сезоната или што и да е… Морам да одлучам со тимот и семејството, потребно е да ја анализираме иднината, тешка е ситуацијата. Тука е и 14-дневниот карантин за Австралија…“.

На прашањето дали некогаш играл така совршен тенис како во денешните два први сета, Рафа се обиде да даде одговор, но не беше сигурен.

„Па, играв неверојатно квалитетен тенис во текот на два и пол сета. Квалитетот на игра ми се подобруваше од ден на ден, вчера добро ги чувствував ударите. Но, пред финалето не бев така самоуверен, бидејќи против Новак никогаш не можеш да бидеш, но бев позитивен“.

Делуваше денеска во Париз дека по секоја цена сака да му се одмазди на Ѓоковиќ за онаа „метла“ на „Австралијан Опен“ минатата година.

„Јас не сум таков тип, не сум за одмазди. Тој тогаш бев едноставно премногу добар. Денеска беше обратно, но секако дека е добро кога ќе се победи Новак со ваков резултат“.

На крајот, не е изоставено ниту прашањето за 20 гренд слемови, со што се израмни на врвот на листата со Роџер Федерер, и околу тоа дали сака да има што е можно повеќе. Тука Надал не беше особено скромен, туку искрен упатувајќи мала закана до престојните генерации.

„Секако дека ми е важно. Би сакал да имам најмногу гренд слемови на крајот од кариерата, но… Не можете да му се лутите на соседот затоа што има подобра куќа или телефон. Јас сум фан на историјата на спортот, но работите ги правам на свој начин. Се трудам најмногу што можам, давам се од себе. Ние и понатаму играме“.