Работнички тргнува во АБА 2 на 23 септември

Сезоната 2020/21 во АБА 2 лигата ќе започне на 23 септември 2020 година. Првенствениот дел ќе се игра до 7 април, додека почетокот на плејофот е закажан за 14 април.

Регионалното кошаркарско натпреварување денеска и официјално ги објави имињата на екипите кои ќе бидат дел од следната натпреварувачка сезона. Според остварените резултати во националните првенства, во сезоната 2020/21 во АБА 2 ќе учествуваат Горица, Хелиос, Ловќен, Работнички, Слобода Ужице, Спарс, Сутјеска, Широки и Златибор. Тука фигурира и името на МЗТ Скопје кој, пак ја очекува разврската со Приморска и евентуалното учество во елитата. Доколку МЗТ Скопје на крајот влезе во првата АБА лига, на негово место во АБА 2 ќе влезе Борац Бања Лука.

Официјалниот календар на натпреварувањето ќе биде усвоено на следното Собрание на АБА кое ќе се одржи на 14 јули кога ќе биде точно познато кои екипи ќе настапуваат во првата АБА лига. Исто така, официјално е потврдено дека првата и втората АБА лига до 2024/25 ќе бројат 14 клубови.

Кога станува збор за првата АБА лига, таму сезоната започнува на 19 септември 2020 година. Лигашкиот дел ќе се игра до 28 март 2021, а плејофот започнува на 4 април. Според плановите на натпреварување, последниот тим во првата АБА лига нема да има право да учествува во следната сезона, додека претпоследниот тим од елитата и финалистот од АБА 2 ќе играат бараж за пополнување на првата АБА лига.