ПСЖ нема шанси да ја освои Лигата на шампионите со Меси во тимот

Легендарниот фудбалер на Ливерпул, Џејми Карагер, кој со години работи како аналитичар за „Скај Спортс“, тврди дека ПСЖ не може да ја освои Лигата на шампионите со Лео Меси во составот.

ПСЖ синоќа во петтото коло од Лигата на шампионите загуби на гостински терен од Манчестер Сити со 2:1. Французите поведоа со голот на Килијан Мбапе, но Рахим Стерлинг и Габриел Жезус режираа пресврт на домашната екипа, која заслужено славеше.

Карагер смета дека ниту една врвна екипа не може да си дозволи „шетач“ во екипата, односно играч кој не се залага максимално, особено во фазата на одбрана. Тој напоменува дека ПСЖ има тројца такви играчи – Меси, Нејмар и Мбапе.

„Не верувам дека сегашните екипи можат да носат било кого. Од четирите клубови за кои верувам дека можат да ја освојат Лигата на шампионите, а тоа се Манчестер Сити, Ливерпул, Челзи и Баерн, ниту еден не може да носи еден шетач во екипата. ПСЖ носи тројца шетачи и апсолутно немаат шанси да ја освојат ЛШ. ПСЖ апсолутно нема шанси“, изјави поранешниот репрезентативец на Англија.

Легендата на Ливерпул особено се осврна на Мбапе. Од овој млад играч очекува многу повеќе труд на натпреварите. Англичанецот може да го разбере Меси, кој е многу постар, но не и младата француска ѕвезда.

„Фрустриран сум додека го гледам тоа, бидејќи Мбапе мора да се бори повеќе од било кој друг. Меси, кој има 34 години, некако можам да го разберам, дека мора да се чува за одредени моменти во мечот кога ќе може да го смени текот на натпреварот. И понатаму мислам дека екипата не може ни него да го носи, мора барем малку да се залага во одбраната. Да не заборавиме дека Барселона долго време ја нема освоено ЛШ. Но, Мбапе има 22 години и би требало да спринта назад и да им помага на соиграчите против врвните екипи како Манчестер Сити“, порача Карагер.