ПСЖ го следи примерот на Сити, ја зајакнува својата мрежа на клубови – филијали

Манчестер Сити моментално ја има веројатно најсилната мрежа на „сателитски клубови“. Палермо, Џирона, Њујорк, Троа, Мелбурн, Монтевидео, Јокохама, белгиски Ломел… Некои целосно, некои мнозински, а некои во голема мера се во сопственост на Сити Фудбал Груп, кој управува и со „Граѓаните“.

По примерот на еден од најголемите конкуренти во борбата за европскиот трон, Пари Сен Жермен реши да тргне по истиот пат. Катарските сопственици на францускиот клуб веќе го презеле белгискиот прволигаш Епен, додека преговорите за соработка со Брага се во завршна фаза, пренесуваат француските медиуми.

Португалскиот клуб со години е меѓу четирите најдобри во својата лига. Во клубот од „Мунисипал“, популарениот „Каменолом“ поради неговата локација во подножјето на ридот, веруваат дека со разигрувањето на млади фудбалери од ПСЖ ќе станат поконкурентни со водечкото трио на португалскиот фудбал Порто, Спортинг и Бенфика, но и дека ќе профитираат од некоја идна продажба на играчи со педигре од Париз.

Иницијатор на оваа соработка е поранешниот спортски директор на Порто и ПСЖ, Антеро Енрике, кој неодамна стана спортски директор на катарската лига, но остана надворешен соработник на „светците“. За време на неговиот мандат во Париз, Енрике ги донесе Килијан Мбапе, Нејмар, Дани Алвеш на „Паркот на принцовите“… додека претходно во Порто ги ангажираше Џејмс Родригез, Радамел Фалкао, Хулк…

Тешко е да се поверува дека соработката помеѓу Пари Сен Жермен и Брага ќе придонесе за доаѓање на играчи како Мауро Икарди или Леандро Паредес, кои не се во плановите на новиот тренер на „светците“, Кристоф Галтие, но сигурно некои млади надежи наскоро ќе го облечат црвениот дрес. Двајца тинејџери родени во Париз веќе ја задолжија опремата на Брага, левиот бек Џордан Монтеиро и крилниот напаѓач Енцо Тајамуту.