Првиот човек на ПСЖ му одговори на Меси: Мораме да ја почитуваме Франција

Минатата недела, првпат откако си замина, Лионел Меси ја откри главната причина поради која не ја прифати понудата од ПСЖ за продолжување на договорот.

Аргентинецот истакна дека не го добил очекуваниот респект од „светците“ и бил единствен играч во репрезентацијата кој не добил честитки и подарок од својот клуб по освојувањето на титулата на Светското првенство во Катар. Одговор на тоа даде лично првиот човек на ПСЖ, Насер Ал Келаифи иако она што го кажа не делува баш спортски.

„Ние сме француски клуб. Мораме да ја почитуваме државата која тој ја порази во финалето од Светското првенство“, изјави Ал Келаифи.

Соиграч на Меси во ПСЖ му беше најдобриот стрелец на Светското првенство, Килијан Мбапе кој со Франција играше во тоа финале во Доха и постигна хет-трик. Многумина сметаат дека тој е вистинската причина поради која Меси не беше доволно испочитуван.