Просечен голман и троен европски шампион не можат да одат ни во иста реченица

Политиката е зезната работа, често ги тера луѓето да зборуваат неповрзани и нелогични работи за да им се допаднат на гласачите или на своите шефови.

Така може да се случи еден просечен голман во европски рамки да зборува и да ги анализира работата и постигнувањата на трикратен европски шампион, НБА играч и едно од најславните спортски имиња во земјава, заедно со Дарко Панчев, Горан Пандев и Кире Лазаров. Под наводна загриженост за спортот и целокупната ситуација во земјава, тој просечен голман си тера политичка агенда и коментира работи за кои ниту е запознат, ниту е компетентен да зборува.

Кога човек од ракометот коментира кошарка, тоа е исто како овчар да зборува за атомска физика. Ако некој смета дека троен европски шампион (единствен со таков успех во земјава) и единствен Македонец во НБА лигата не треба да биде идол на младите генерации, тогаш тој има проблем со здравиот разум.

Трофеите, кои во својата колекција ги има многу повеќе од просечниот голман, не се единственото нешто со кое треба да се гордее Антиќ. Каде и да одел, тој бил миленик на навивачите, а и ден-денеска го спомнуваат и во Атина и во Истанбул и во Белград, нешто што не може да се каже за просечниот голман кој не е омилен дури ни во Скопје, ниту кај оние со кои делел и уште дели соблекувална. Не за џабе еднаш еден паметен човек рече дека „трансферот на просечниот голман во Барселона е најголема ‘превара’ во историјата на спортот“.

Можеби би било добро просечниот голман да си ја гледа својата работа бидејќи се уште е активен спортист. Бистрењето политика може да им ја остави на попаметните од него, има такви многу во земјава.