Променет календарот за Ф1: Сезоната стартува во Бахреин, пак ќе се вози на Имола

Во престојната Ф1 сезона ќе се возат рекордни 23 трки, а сезоната според првичниот план требаше да стартува на 21. март со Големата награда на Австралија. Сепак поради ограничувањата во врска со коронавирусот, дојде до промени, а првата трка во сезоната ќе се вози во Бахреин од 26 до 28 март.

Големата награда на Австралија е поместена за во ноември. Во Мелбурн возачите ќе се појават на патеката од 19 до 21 ноември, а тоа предизвика нови поместувања. „Интерлагос“ се врати во календарот од Формула 1, а Големата награда на Бразил е поместена за една недела понапред и ќе се вози од 5 до 7 ноември. Исто така, трките во Саудиска Арабија и Абу Даби ќе започнат една недела порано.

Во календарот од Формула 1 е додадена трката на славната патека во „Имола“, на која возачите на најбрзиот циркус на планетата се појавија и во претходната сесзона. Тоа беше прва трка на Имола од 2006, а во престојната сезона за „Имола“ е резервиран терминот од 16 до 18 април. Ако не дојде до нови промени, Италија ќе биде единствената земја со две трки во следната сезона. Покрај трките на „Имола“, традиционално болидите ќе се појават и во „Монца“ од 10 до 12 септември.

Останува да се види за кој датум организаторите ќе одлучат да се одржи Големата награда на Кина, која требаше да се вози на 11 април.