Продолжува проклетството за Надал – пак нема да го освои Лондон

Место очекуваното финале меѓу Новак Ѓоковиќ и Рафаел Надал, во финалето од завршниот Мастерс во сезоната ќе се сретнат Доминик Тим и Данил Медведев.

Шпанскиот тенисер и оваа сезона остана без трофејот на овој турнир кој не го освоил никогаш во кариерата затоа што загуби од Медведев со 1-2. Сега имаше шанса бидејќи водеше со 1-0 во сетови и сервираше за меч во вториот сет, при резултат 5-4. Но, не само што не успеа да го освои следниот гем, туку не освои ни поен. Во тај-брејкот Медведев победи со 7-4, а одлучувачкиот сет го доби со 6-3 за конечна победа.

Кој и да триумфира во утрешното финале, првпат ќе се запише меѓу победниците на овој турнир. Тим лани играше во мечот за титулата, но загуби од Циципас, додека Медведев никогаш порано не стигнал до завршниот дуел.