Иако имаше позитивни резултати во претквалификациите за Европското првенство, кошаркарската репрезентација на Македонија доживеа пад на најновата ФИБА ранг листа, објавена денеска.
Како последица на неодамна завршеното Светско првенство, но и поразите во олимписките претквалификации во август, нашиот национален тим сега се наоѓа на 59. место што е назадување за шест позиции во однос на последното рангирање. Меѓу европските репрезентации, Македонија е на 30. место, едно зад Данска (напредок од три позиции) што е изненадување ако се имаат предвид меѓусебните дуели во претквалификациите за Европското првенство. Интересно е тоа што назадуваа и Бахами иако минатиот месец обезбедија пласман во квалификациите за Олимписките игри, победувајќи ја два пати Аргентина.
Промена има и на челната позиција каде по неколку месеци се врати репрезентацијата на САД и ја премести Шпанија на второто место. Трета е Германија која се искачи за осум позиции, а најпријатно изненадување е Летонија која сега е осмопласирана со скок од 22 места.