Проблемот е решен? Ѓоковиќ и останатите можат да играат на АО под еден услов

Се чини дека на невакцинираните тенисери и тенисерки нема да им биде забрането учеството на Австралијан Опен, но на првиот Гренд слем во сезоната ќе можат да заиграат под еден услов.

Во писмото кое е испратено до тенисерите се наведува дека оние кои се вакцинирани со две дози вакцина против коронавирусот ќе можат без проблеми да влезат во Австралија, а дека сите останати по доаѓањето ќе мораат да минат 14 дена во карантин.

„Истите правила важат за сите, без оглед дали станува збор за победникот на Гренд слем турнирот, премиерот, бизнис патник, студент… Да не ги примев двете дози, по враќањето од Глазгов и јас ќе бев две недели во карантин“, изјави австралискиот премиер Скот Морисон.

Новак Ѓоковиќ одбива да каже дали примил вакцина и неодамна рече дека би можел да го пропушти Австралија Опен, турнир кој го освои рекордни девет пати.

„Ја следам ситуацијата и конечната одлука ќе ја донесам на почетокот од ноември. Не верувам дека многу ќе се менуваат условите, веројатно ќе има, како и оваа година, многу рестрикции. Колку што слушнав, Австралијците се обидуваат да ги подобрат условите за сите. И за оние кои се вакцинирани и оние кои не се. Не знам дали ќе одам таму, не знам што се случува. Ситуацијата воопшто не е добра. Ако професионален спортист ставите во карантин, да не може да излезе од соба… Тој нема да може да игра на вообичаеното ниво, а и го зголемува ризикот од повреди. Мислам дека многу играчи ќе размислат дали ќе одат во Мелбурн. Страшно е тоа што се случува во општеството меѓу вакцинираните и невакцинираните. Не можам да верувам дека паднавме на тоа ниво да ги дискриминираме луѓето според тоа дали ќе се вакцинираат или не. Многу сум разочаран од општеството и медиумите кои вршат притисок врз сите луѓе. Многу нејаснотии има тука. Нема да откријам дали сум вакциниран. Тоа е приватна работа и непримерно прашање“.