Привремен прекин на сообраќајот во Маврово поради Halk Velo Green

На 8 септември привремен прекин на сообраќајот од паркингот на Ресорт Маврово до Леуново поради трката Halk Velo Green

На 8 септември во Маврово ќе се одржи втора по ред хронометар велосипедска трка Halk Velo Green чиј организатор е Халкбанк АД Скопје. Околу 500 велосипедисти, професионалци и вљубеници во овој спорт, ќе се натпреваруваат во две категории – ПРО и ХОБИ во машка и женска конкуренција, а годинава за првпат е предвидено натпреварување и на деца и младинци. Учесниците ќе возат трка долга 22 километри од хотелот Спорт до Леуново и назад.

Поради одржување на трката во среда, 8 септември, патот од Хотел Спорт преку Никифорово до Леуново, во двете насоки, ќе биде затворен за сообраќај во период од 09.00 до 15.30 часот. Halk Velo Green е трка во која не само што најдобрите ќе можат да освојат вредни награди обезбедени од Халкбанк и поддржувачите на трката, туку обезбедува и многу забава и дружење, но истовремено придонесува и за засадување нови дрвја во земјава.

Халкбанк, како и лани и годинава средствата собрани од котизацијата ќе ги искористи за пошумување на одредени делови од земјава. Ланската година како резултат на трката во Светиниколско беа засадени 8000 нови садници. Трката Halk Velo Green инаку е дел од платформата HalkEco чија цел е поттикнување здрави животни навики и заштита на природата. Во акциите кои се спроведуваат во рамките на оваа платформа Халкбанк досега во земјава има засадени над 27.000 дрвја.