Пресврт: Проблеми за Барса, Реал има подобра позиција во трката за Нејмар

Реал не се откажува, маркетиншки гледано Бразилецот би бил голема победа за Флорентино Перез. На Барса и недостасуваат идеи, особено по заминувањето на Кутињо во Баерн.

Нема решение околу Нејмар. ПСЖ синоќа загуби од Рен, Тухел не ја отфрли можноста Бразилецот да остане, но Леонардо и понатаму се обидува да најде договор.

Заминувањето на Кутињо во Баерн ги искомплицира работите, од сите други играчи ПСЖ е заинтересиран за Дембеле и Семедо, вториот не доаѓа во предвид, а првиот не сака да се враќа во Франција. Барселона е подготвена да го понуди Ракитиќ, но тоа „Светците“ го одбија.

Постои варијанта околу позајмица, Нејмар да биде платен во две рати, а ПСЖ инсистира првата да биде во висина од 100 милиони бидејќи им се потребни пари за замена.

Од друга страна, од Париз повторно гледаат кон Мадрид. „АС“ пишува дека Флорентино Перез и покрај победата во Виго не се откажал од Нејмар, но барањата на ПСЖ во трансферот да бидат вклучени Винисиус или Варан се нереални.

Реал би размислил покрај Хамес Родригез од кого сакаат да се ослободат, евентуално Иско да биде дел од договорот или голманот Кејлор Навас.

Нејмар молчи, иако Барселона бара да се изјаси и јавно да каже дека не сака да оди во Мадрид, Каталонците се плашат од луѓето околу Нејмар, како неговиот татко, кој потајно преговара со Перез.