Пресврт, Мерцедес го сака „отпишаниот“ Шумахер

Младиот германски возач, син на легендарниот седумкратен шампион во Формула 1, Михаел Шумахер, Мик остана без договор за следната сезона во тимот на Хаас.

Иднината на младиот Мик во Формула 1 се уште не е позната, но по изјавата на првиот човек на Мерцедес, Тото Волф, постои шанса Шумахер следната сезона да го гледаме во „најбрзиот циркус“ на светот.

Имено, Волф му понудил на Мик Шумахер позицијата резервен возач во Мерцедес.

„Мик е некој кој е секогаш блиску до нашите срца, поради Михаел и целото семејство Шумахер. Би сакал да разговарам со него, да го видам овде, но се што кажувам е на ниво на шпекулации. Ниту еден конкретен потег нема направено“, рече Волф.

Тимот на Хаас реши да му се заблагодари на Шумахер за соработката и наместо тоа во тимот за следната сезона да го вклучи Ник Хулкенберг, кој ќе му биде соиграч на Кевин Магнусен.