Преседан во светот на спортот: Руски клуб се преименува како најголемиот ривал!

Незапаметен преседан се случи во светот на спортот. Дали некогаш сте слушнале за случај еден клуб да го промени името во она кое го носи неговиот најголем ривал? Токму тоа се случи во ракометот, каде Спартак Москва стана ЦСКА Москва!

Спартак, актуелниот вицешампион на Русија, кој во ракометниот свет влезе во 2017. година со големи амбиции, од сега ќе го носи името на најголемиот спортски непријател. Така, еден великан практично го истисна другиот од овој спорт, а во позадина на сето ова стои богатиот бизнисмен и политичар Сергеј Шишкарев, кој од почетокот на сезоната воспостави женска секција во ЦСКА.

„Одлуката не беше лесна. Знаеме дека ова е преседан во светот на спортот, но се надевам дека нашите навивачи ќе останат со клубот без оглед за кого навиваат во останатите спортови. Благодарни им сме на сите кои беа со нас од самиот почеток, но мораме да одиме напред на уште повисоко ниво“, стои во соопштението на извршниот директор на Спартак, Василиј Славин.

Овој несекојдневен потег го коментираше и најголемата тренерска легенда на рускиот ракомет Владимир Максимов, единствениот тренер со Клод Онеста кој својата репрезентација ја одведе до злато на трите најголеми натпреварувања (ОИ, СП, ЕП).

„Тоа не ме изненади, всушност, многу е едноставно. Имаат еден спонзор и тоа е Шишкарев. Имаат веќе и женски состав, сега ќе биде полесно и за навивачите. Спартак сакаше многу, но не стигна далеку. Ветија прво место и титула, но тоа не одеше како што беше планирано. Се зависи од резултатите“, изјави за руските медиуми славниот тренер.