Прекинат постот од пет децении, Канзас Сити Чифс го освоија Супербоул

Екипата на Канзас Сити Чифс е освојувач на 54. издание на Супербоул откако во Мајами на „Хард Рок“ стадионот ги совладаа Сан Франциско Фортинајнерс со 31:20.

Тимот на Канзас Сити Чифс е новиот шампион во американската национална фудбалска лига (НФЛ) откако во 54. издание на Супербоул го совлада тимот на Сан Франциско. Чифси до втората титула во историјата дојдоа благодарение на големиот пресврт во последната четвртина. Фортинајнерс имаа големи шанси на две минути и 39 секунди до крајот да дојдат до триумфот, но не успеаја да се вратат.

Тимот од Канзас до триумфот дојде така што во последните седум минути успеа да направи дури три тачдауна за голема победа и конечни 31:20 што е прва титула за Чифси по цели 50 години, единствениот триумф во „Супербоул ерата“ претходно го остварија во 1970 година, односно 26 години пред да се роди нивниот квотербек Патрик Махоумс, кој беше прогласен за МВП на Супербоул, откако претходно беше избран за МВП на сезоната и стана најмладиот играч кој успеал да ги освои двете награди во една сезона. Статистички Махоумс мечот го заврши со 286 јарди и два паса за тачдаун, а имаше и истрчани 29 јарди со тачдаун, првиот на мечот. Имаше и две пресечени топки, првпат во овој плеј-оф.

Фортинајнерс ја имаа победат во свои раце, а потоа започна магијата на Махоумс, најдобриот квотербек на денешницата, момчето кое прави чуда во само третата сезона во НФЛ, втора како стартер. Водеше Сан Франциско со 20:10 на почетокот од последната четвртина. Канзас имаше напад, добро течеше, се чинеше дека ќе резултира со тачдаун или барем филд гол, но…

Следуваше непрецизно додавање на Махоумс кон Тајрик Хил. Брзоногиот ресивер не го процени добро летот на топката, само ја одби, а таа заврши во рацете на дефанзивците на Сан Франциско. Водство од 10 поени и напад, се чинеше дека мечот е решен. На клупата на Канзас молк. Хил е во солзи, победникот веќе се знае? Не, тоа е американски фудбал, никогаш не се знае.

Тука започна експлозијата на Махоумс, чудесниот квотербек, кој не беше обесхрабрен од двете пресечени топки. Пред тоа одбраната на Канзас успеа за помалку од две минути да му одземе напад на Сан Франциско. И тука се доаѓа до една топка, едно додавање, кое беше клуч за пресвртот.

Пред тоа, Махоумс фрла додавање кон Хил, судиите велат дека е комплетирано додавањето, но тренерот на Сан Франциско бара челинџ и добива, одлуката е променета. Канзас има трет даун за дури 15 јарди од својата половина. За многумина невозможна мисија, но не и за Махоумс. Од очај успева да го пронајде рисиверот Хил, кој ја фаќа топката на влезот во црвената зона на ривалот.

Следува првиот фрлен тачдаун пас за Махоумс, а поентира тајт ендот Тревис Келсе, за намалување на 17:20. Тогаш се буди и одбраната на Чифси, која втор пат по ред го запира Џими Гаропол. Топката е кај Канзас Сити, а на две минути и 44 секунди пред крајот тачдаун постигнува Демијен Вилијамс за пресврт од 24:20. Пред тоа, долго додавање фати Семи Воткинс, кој го победи славниот корнербек Ричард Шерман.

Меѓутоа, имаше Џими Џи доволно време да му донесе победа на својот тим, но не успеа. За малку ќе фрлеше тачдаун пас на третиот обид кон Емануел Сандерс, но не успеа. Во следниот напад Вилијамс постигна и втор тачдаун и тука беше крајот на надежите за Фортинајнерс. Гарополо потоа од очај се обиде да внесе драма во последната минута, но фрли и втора пресечена топка на Супербоул.

Моментот кој влезе во историјата беше додавањето од 45 јарди кое Махоумс успеа да го фрли кон Тајрик Хил по што екипата од Канзас дојде на негатива од само три поени. Тоа донесе самодоверба кај Чифси, се виде дека ривалот е во неволја. Демијен Вилијамс успеа да направи два тачдауна, вкупно 104 јарди.

Сан Франциско не успеа да се врати во мечот, не дојдоа во шанса да возвратат, па на нешто повеќе од минута до крајот ја препуштија топката на ривалот по четирите обиди. Вилијамс успеа со уште еден тачдаун да ја запечати судбината на ривалот за конечни 31:20.

Во пресрет на финалето беше одржан минута молк во чест на НБА ѕвездата Коби Брајант и останатите жртви во хеликоптерската несреќа.

Играчите на Чифс и Фортинајнерс стоеја во тишина додека над „Хард Рок“ стадионот, на кој беа присутни 62.000 гледачи, се проектираше слика на Коби Брајант и неговата ќерка Џијана, која исто така загина во несреќата. На почетокот од програмата химната на САД ја отпеа Деми Ловато, а на полувремето настапија Шакира и Џенифер Лопез.