Потврда од „Олд Трафорд“: Смолинг и Санчез остануваат на позајмица до крај на сезоната

Според договорот, Крис Смолинг и Алексис Санчез мораа да се вратат во Манчестер на 1 јули. Тогаш им истекуваше позајмицата во Рома, односно Интер.

Тоа е еден од оние големи проблеми кои ги мачеа ФИФА и УЕФА во текот на пандемијата, што да се прави со играчите чии договори истекуваат на 30 јуни. И решението не е пронајдено, бидејќи не постои правен основ истите автоматски да се продолжат до крајот на сезоната.

Но, Манчестер Јунајтед постапи фер. На двајцата свои играчи, Крис Смолинг и Алексис Санчез, им ги продолжи позајмиците до крајот на сезоната. Рома и Интер не мораат да се грижат, фудбалерите остануваат во нивните редови до завршувањето на натпреварувачката година, а потоа ќе се вратат на „Олд Трафорд“, каде ќе чекаат понатамошни „наредби“.

Во Рома повеќе ќе се израдуваат на оваа вест, бидејќи Смолинг е неизоставен дел од одбраната на „Волчицата“. Англискиот фудбалер собра 30 настапи за „Џалоросите“ оваа сезона и постигна два гола. Рома води битка за пласман на европската сцена, но до Лигата на шампионите тешко ќе стигне, бидејќи има девет бода помалку од Аталанта.

Алексис Санчез поради повреда пропушти дел од сезоната на Интер, но досега на теренот беше на 19 меча. „Неразурите“ немаат големи шанси да се вклучат во борбата за титулата, но местото во Лигата на шампионите тешко може да им побегне.