Полска пружи солиден отпор, но сепак Шпанија е во полуфиналето

Кошаркарската репрезентација на Шпанија ја совлада Полска со 90:78 во четвртфиналето од Светското првенство кое се одржува во Кина.

Шпанците добро го отворија мечот, но Полјаците со неколку погодени тројки држеа резултатски приклучок, па Шпанија по првата четвртина имаше водство од 22:18.

Во втората четвртина Полска успеа да дојде на 29:28, но тогаш Шпанија направи серија и брзо дојде до 38:28. Полска сепак до полувремето успеа да намали, па на одмор се замина со 46:41 за Шпанците.

Продолжението донесе уште подобра игра на Шпанија која во еден момент во третата четвртина имаше и 14 поени предност, но во последната делница влезе со предност од 67:58.

Сепак, во четвртата четвртина Полска не успеа да ја стигне предноста на Шпанија иако во еден момент беше и само 76:72 за Шпанците. На крајот конечниот резултат сепак гласеше 90:78.

Шпанија до победата ја водеа Рики Рубио со 19 и Вили Ернангомез со 18 поени, а Руди Фернандез додаде 16.

Кај Полјаците Слотер беше најефикасен со 19 поени, а Вачински додаде 15.

Репрезентацијата на Шпанија во полуфиналето ќе игра против подобриот од дуелот меѓу Австралија и Чешка.