Покетино искрен: Шампионот секогаш е фаворит

Иако во поголемиот дел од мечот беше во подредена позиција, ПСЖ успеа да слави во Минхен против Баерн со 3:2 и со тоа да се стекне со убава предност пред реваншот на свој терен. Сепак, тренерот на „Светците“ Маурисио Покетино нема никакви илузии, свесен е дека пред неговата екипа е тешка задача, па фаворитската улога му ја препушта на актуелниот европски првак.

Баварците минатата сезона во финалето од ЛШ славеа токму против ПСЖ, но тогаш на клупата на францускиот шампион седеше Томас Тухел. На местото на Германецот пристигна Покетино кој е на добар пат да се избори за полуфинале во најелитното натпреварување. Сепак, тимот кој на доминантен начин дојде до европскиот трон е фаворит и покрај негативата.

„Во теорија, шампионот секогаш е фаворит. Станува збор за најдобриот тим на светот во овој момент, освои неодамна дури шест трофеи. Мораме да го почитуваме тоа. Ние сме само претенденти за тронот“.

Истакнува дека пласманот меѓу четирите најдобри екипи би бил успех, но дека клуб како ПСЖ секогаш мора да цели на титули.

„Доколку поминеме и се пласираме во полуфиналето, тоа ќе биде важна работа за клубот, но нашите амбиции во секој момент се да освојуваме титули“.

Аргентинецот потсети и на реванш осминафиналето со Барселона. „Светците“ во Каталонија славеа со 4:1, но на домашен терен одиграа далеку, далеку послабо. Сепак, ремито на „Паркот на принцовите“ беше и повеќе од доволно за пласман во следната фаза.

„Мораме да имаме поинаков став од оној кој го имавме во реваншот против Барселона. Не само што мораме да се браниме, туку да се обидеме и да ја сочуваме топката и да го нападнеме ривалот, тоа ќе биде нашиот предизвик. Барселона сега е минато. Баерн е поинаков тим, најдобар на светот и секако ќе ни направи проблеми, како што тоа го направи и на првиот натпревар. Мораме да се носиме со тие тешки моменти, како што правевме во Минхен“, изјави Покетино.