Почна подигнувањето на стартните пакети за Виз Ер Скопски маратон

217

До стартот на годинашново издание на Виз Ер Скопскиот маратон останаа уште помалку од два дена,а тоа значи дека денеска и утре во терминот од 10 до 19 часот учесниците на оваа манифестација ќе можат да ги подигнат стартните пакети (броеви).

Стартните пакети ќе се подигнуваат во Парк Хотел Спа, позади Северната трибина на Националната Арена Филип Втори.

При подигање на стартните пакети потребно е да се покаже потврдата која ви е испратена на емаил или документ за лична идентификација, лична карта или патна исправа за странските натпреварувачи. Без овие документи нема да може да се подигне стартниот пакет.

Важна напомена е дека на денот на трката 6.мај нема да се издаваат стартни пакети.

Инаку, за денеска е предвидена и прес конференција во 15 часот, каде ќе се појави и годинашната промотерка на маратонот Британката Пола Редклиф, која е неофицијална светска рекордерка во оваа дисциплина.

Организаторите најавуваат дека на манифестацијата во недела ќе учествуваат околу 10.000 натпреварувачи во неколку дисциплни.