Со националната стратегија на ПФСМ до настап на Олимписките игри

Претседателот на Пливачката федерација Александар Маленко, објави дека од денеска официјално постои само еден субјект поддржан од државните и меѓународните спортски инстутуции.

На денешната прес-конференција, тој ја промовираше и националната стратегија за пливање за периодот од 2020 до 2030 година.

„Конечно е исправена техничката грешка на државната институција за упис и регистрирана е Пливачката федерација како единствена пливачка организација во земјава, со единствен претседател Александар Маленко.

Ние, како Пливачка федерација на Македонија, продолжуваме да соработуваме со легално избраните спортски институции во државата: Агенцијата за млади и спорт, предводена од директорот Наумче Мојсоски и Олимпискиот комитет, предводен од претседателот Даниел Димевски.

Сакаме конечно да ставиме крај на сите небулози, манипулации но и свесно владеењето на хаос со намерни непочитувања на било каков пропис, правилник кој е потврден и усогласен од меѓународен закон за спорт. Статут на една олимписка федерација како што е пливачката е статут е усогласен со матичната светска федерација (ФИНА) и Меѓународниот олимписки комите (ИОК).

Ние продолжуваме каде што бевме и до петокот, како раководство и федерација да ја имплементираме национална стратегија за пливање која за прв пат во историјата на нашата држава е подготвена од ова раководство. ПФМ е признаена од единствените институции задолжени за олимписки спорт и во овој случај пливање и во овој случај тоа е ФИНА. Ние сме меѓу 12 најактивни држави од сите 208 членки. Небулозите, хаосот и манипулациите се завршени, ПФМ постоела и ќе постои, но овој пат постои со јасно утврдени цели. ПФМ моментално е една од трите спортски федерации во Македонскиот олимписки комитет (МОК) кои ги има усогласено сите критериуми и е вистински партнер на ФИНА и на ИОК и МОК. Како спортски партнери заедно со АМС ќе бидеме вистински партнери на МОК.

Наша цел е со имплементација на националната стратегија, во иднина да имаме колку е можно повеќе пливачи со остварени олимписки норми со што пливањето ќе се потврди како еден од нашите најуспешни спортови, со најголем број учесници на овие манифестации. Ги повикуваме сите пливачки субјекти во земјава да застанат на страната да пливањето и заедно се бориме за доброто на овој спорт“, изјави Маленко.

Дел од националната стратегија веќе почна да се остварува, со тоа што овие две години веќе се одржани десетина ФИНА семинари за едукација на пливачки судии во базенско и далечинско пливање и инструктори. Планирано е оваа година да биде мошне исполнета со цел да се надополни она што е испуштено лани, поради пандемијата со корона вирусот.

Кулминација ќе биде учеството на Олимписките игри во Токио, но пред и потоа е планиран настап на неколку младински европски и светски првенства.