Победа во драматичен меч и финале за Македонија во Сребрената лига!

Македонската одбојкарска репрезентација дојде до голема победа во плеј-офот од Сребрената европска лига над Хрватска со 3-2.

Македонија се пласираше во големото финале на Сребрената лига, откако во навистина драматичен меч успеа да ја совлада Хрватска со 3-2, по сетови 15:25, 25:19, 25:22, 21:25 и 15:12). Противник на Македонија во големото финале ќе биде победникот од мечот меѓу Данска и унгарија.

„Спартанците“ добро го почнаа првиот сет, поведоа со 5:4, но набрзо Хрватите влегоа во серија со која дојдоа до голема разлика и истата само ја зголемуваа до крајот на истиот. Вториот сет започна на сличен начин, а Хрватите одново први се „одлепија“, но Матијашевиќ реагираше на половина од сетот, по што Македонија направи пресврт и поведе, а на крајот успеа да го освои сетот за 1-1.

Третиот сет исто така им припадна на нашите репрезентативци кои максимално го искористија лошиот сервис на Хрватите и направија пресврт на мечот поведувајќи со 2-1. Сепак, Хрватите се консолидираа во четвртиот сет, брзо успеаја да поведат со голема разлика и на крајот израмнија на 2-2, по што победникот мораше да се решава во петтиот сет.

Хрватска подобро го отвори решавачкиот сет, но нашите репрезентативци успеаја да се вратат во мечот и со одличен финиш славеа со 15:12 за конечни 3-2 и пласман во финалето.