По ЕП и Копа Америка, одложен е и Африканскиот Куп на Нации

По одложувањето на годинешните изданија на Европското првенство и Копа Америка, истата судбина ја доживеа и Африканскиот Куп на Нации.

Така, наместо во јануари и февруари 2021 година, овој турнир ќе се игра една година подоцна, односно во 2022 година и тоа ќе им помогне на голем број тренери кои често се загрижени бидејќи играчите среде сезона им заминуваат во Африка да се борат со своите репрезентации.

Африканската фудбалска конфедерација денеска соопшти дека турнирот со 24 екипи ќе се игра во јануари и февруари 2022 година.

„Датумите на турнирот и преостанатите натпревари во квалификациите ќе бидат дополнително објавени“, се наведува во соопштението.

Африканскиот Куп на Нации ќе се одржи во Камерун, кој иако даде уверувања дека турнирот може да се организира и покрај пандемијата на коронавирусот, Африканската фудбалска конфедерација одлучи да го одложи првенството. Причината за тоа пред се е и пренатрупаниот календар поради пандемијата.

Во квалификациите остануваат да се одиграат уште четири кола, а со распоредот се доцни поради коронавирусот. Оваа година не се одигра ниту еден натпревар, а за октомври и ноември се слободни само четири термини.