Петр Чех се враќа со нов клуб, но и со нов спорт, дебитира веќе во недела

Легендарниот Петр Чех по завршувањето на минатата сезона ја заврши и својата богата фудбалска кариера.

Меѓутоа, некогашниот голман на Челзи и Арсенал повторно ќе застане на гол, но овојпат наместо на фудбалскиот, ќе застане на хокеарскиот.

Имено, Петр Чех потпиша договор до крајот на сезоната со хокеарскиот клуб Гилдфорд Феникс. Неговиот потпис не доаѓа изненадно бидејќи тој тренираше и со друг тим веќе некое време, па на тој начин се подготвуваше за официјален почеток на својата хокеарска кариеар – колку таа ќе трае останува да се види.

Станува збор за клуб од Англија, а Чех, секако, ќе биде голман.

„Се надевам дека ќе му помогнам на овој млад тим да ги оствари целите поставени за оваа сезона и ќе се обидам да победам во што е можно повеќе натпревари во кои ќе добијам шанса за игра… По 20 години професионален фудбал ова ќе биде фантастично искуство. Ова е игра која како дете секогаш сум ја сакал“, изјави Чех.

„Потпишувањето на договорот со Петр е огромна работа за Феникс. Тој е фантастичен човек кој напорно тренира, едвај чекам да дебитира“, изјави тренерот на Феникс.