Откако за седум месеци забележа скок од 235 позиции на АТП листата, најдобриот македонски тенисер Калин Ивановски влезе во двомесечен период на стагнација, па дури и назадување.
Пред крајот на август падна 23 места што беше негов најголем пад последните години, а од денеска повторно е на 330. позиција на АТП листата. Ова се должи на слабите резултати од почетокот на минатиот месец бидејќи на петте последни турнири оствари само една победа и четири пати беше елиминиран во првиот меч. Настапуваше во Бања Лука, Гродѕиск, Мајорка, Какис и Синтра, а успеа да го совлада само Британецот, Маркус Волтерс кој е 1.684 на АТП листата. Разочарување е последниот пораз, од 556. рангиран тенисер Дуарте Вале од Португалија, во два сета, додека останатите порази се претрпени од тенисери кои се блиску до него или погоре во ранкингот.
Без разлика на тоа, не треба да се заборави дека Ивановски има само 19 години и вакви мали осцилации се нормална појава за спортисти на негова возраст. До крајот на годината има шанса дополнително да го поправи својот пласман, а во 2024 година да се обиде да стигне барем меѓу најдобрите 200 во светот.