Перез: Верстапен ме разочара, не знам што се случи

Возачот на Ред Бул, Серхио Перез изјави дека е разочаран од однесувањето на неговиот клупски колега, двократниот светски шампион Макс Верстапен, кој одби да го пропушти Мексиканецот на Големата награда на Бразил.

Верстапен веќе ја обезбеди својата втора шампионска титула во Ф1, но Перез се бори за второто место со возачот на Ферари, Шарл Леклер.

Двајцата возачи го делат второто место со 290 бода пред крајот на шампионатот. Леклер заврши на четвртото место на трката за Големата награда на Бразил, додека Перез беше седми. Верстапен ја мина целта на шестото место, а во финишот на трката ја одби наредбата на својот тим да го пушти Перез да помине.

“Веќе ви кажав…Момци, не ме прашувајте повеќе тоа. Дали е тоа јасно? Ги наведов моите причини и стојам на нив”, рекол Верстапен.

Перез беше разочаран од односот на клупскиот колега.

„Ова само покажува каков е Верстапен. Не знам што се случи, многу сум изненаден и разочаран по се што направив за него…Мислам дека моја заслуга е што Макс има две титули“, изјави Перез.