Перез го користи „рецептот Фиго“, ќе ја убедува младата ѕвезда на Барса да направи предавство

Реал Мадрид ќе се обиде на лето следната година да го доведе фудбалерот на Барселона Роналд Араухо.

Уругвајскиот дефанзивец со своите одлични игри веднаш се наметна во првиот тим на Барселона минатата и оваа сезона. Тој е една од ретките светли точки на „Камп Ноу“.

Меѓутоа, неговиот договор со Барселона истекува на лето 2023 година и во моментов клубот од „Камп Ноу“ преговара со него за потенцијално продолжување на соработката, но каталонскиот клуб го сфаќа здраво за готово, па не му посветува поголемо внимание, а освен тоа младиот стопер истакна дека сака да биде третиран според игрите на теренот.

За точно една година Араухо ќе има можност да преговара со други клубови, а тука шансата ја чека најголемиот ривал на Каталонците Реал Мадрид.

Наводно Флорентино Перез е подготвен да направи се што може за овој фудбалер да го доведе на „Сантијаго Бернабеу“. Тој се надева дека Араухо нема да го продолжи договорот и дека на лето 2023 ќе го доведе во Реал како слободен играч.

Не е познато дали Реал евентуално ќе се обиде да го доведе Араухо и ако ја продолжи верноста кон каталонскиот клуб, но очигледно е дека интересот на Перез е огромен.

Интересно, Реал и претходно се обидувал да го доведе Араухо во своите редови. „Кралевите“ му понудиле договор пред неклку години, но фудбалерот се одлучи да прејде во Барселона.