Возачот на Ред Бул, Серхио Перез ја освои пол-позицијата пред Големата награда на Саудиска Арабија, втората трка од овогодинешниот шампионат во Формула 1.
Квалификациите на улиците на Џеда беа обележани и со раната елиминација на бранителот на титулата Макс Верстапен, кој ќе стартува од 15-та позиција.
Перез го доби најдоброто стартно место со круг од 1:28.265 минути, со 155 илјадитинки предност пред Шарл Леклер во Ферари. Пилотот од Монако сепак, ќе биде поместен за 10 места на почетокот поради замена на компонентата на погонската единица пред да започне тркачкиот викенд.
Втората позиција така ќе ја наследи возачот на Астон Мартин, Фернандо Алонсо, кој заостануваше три десетинки зад Леклер.
Од друга страна, Верстапен беше апсолутно доминантен на сите три слободни тренинзи во Џеда, но поради дефект на автомобилот беше принуден да се паркира во гаражата.