Перес му се налутил на Анчелоти поради Модриќ

Лука Модриќ требаше да го напушти Реал Мадрид на крајот од минатата сезона, но на инсистирање на Карло Анчелоти, клубот му даде договор на уште една година и соработката продолжи.

Очигледно дека тоа било грешка за двете страни бидејќи ниту Модриќ е во посакуваната форма, ниту Анчелоти помага нешто во тој поглед, а најмалку корист од тоа има клубот. Како што тврдат бројни светски медиуми денеска, поради Модриќ во конфликт влегле претседателот на Реал, Флорентино Перес и тренерот Анчелоти.

Наводно, Перес му замерил на италијанскиот стручњак што Модриќ се уште се наоѓа во стартната постава бидејќи смета дека во моментов нема квалитет за такво нешто. Анчелоти својата одбрана ја даде пред новинарите на кои им кажа дека Модриќ беше стартер против Атлетико за Реал да ја има повеќе топката во свој посед иако тоа не се покажа многу корисно за тимот, но и да го одмори Чуамени кој многу играше на претходните натпревари. Плејмејкерот беше еден од најлошите на теренот на Метрополитано и заслужено беше заменет меѓу двете полувремиња.

По ваквиот развој на настаните, прашање е кога Модриќ повторно ќе биде дел од стартната постава, а нема дилеми дека оваа сезона ќе биде последна за него во дресот на Реал.