Пеп распали по правилата во англискиот фудбал: Тоа постои секаде, само во Англија не

Манчестер Сити се пласираше во осминафиналето од англискиот Лига Куп откако синоќа со убедливи 6:1 го совлада третолигашот Викомб.

Интересно, Викомб беше тимот кој поведе и тоа во 22 минута со голот на Ханлан, а по ова англискиот првак уфрли во повисока брзина, па веќе до полувремето резултатот гласеше 3:1. Де Брујне, Фоден, Торес и Палмер постигнаа по еден гол, а два постигна Марез.

Но, ниту убедливата победа не беше доволна за Пеп Гвардиола. Шпанскиот стручњак е познат како човек кој редовно го критикува густиот календар, особено во Англија, пред се постоењето на Лига Купот, кој иако го има освоено четири пати во низа, сепак смета дека дополнително ги исцрпува играчите.

Сега, тој повторно ги критикува англиските правила, а повторно тоа се однесува на исцрпеноста на играчите. Имено, тој смета дека и англиските клубови би требало да воведат правило за пет замени, како што е случајот во повеќето европски натпреварувања, кога веќе мораат да играат повеќе натпревари.

„Смешно е што во оваа земја немаме пет замени. Во целиот свет остана правилото за пет замени, освен во Англија. Можеби еден ден ‘големите шефови’ и ‘паметните’ ќе ми ја објаснат причината за сето ова“, луто констатираше Пеп.