Пеп е човек од збор, не сакал во Јуве ни за 20.000.000 евра

Кога Гвардиола ќе даде збор, тоа за него е закон. Ниту парите не можат да го натераат да го прекрши ветувањето. Тоа на своја кожа го почувствува и Јувентус, кој се трудел со сите сили во последниве месец дена да го наговори Каталонецот да се пресели од Манчестер во Торино, но залудно.

Кога Масимилијано Алегри ја заврши својата мисија во Јувентус, челниците на „Старата дама“ се насочиле кон Пеп Гвардиола. Според „Еуроспорт“, на менаџерот на Сити му нуделе годишна плата од дури 20.000.000 евра, меѓутоа, тоа било залудно.

Гвардиола цврсто останал при ставот дека не сака да го напушти Манчестер Сити ова лето, бидејќи на Островот се уште не ја завршил работата која ја започнал, па на трите повици од Јувентус одговорил со – не.

По ова италијанскиот шампион морал да се насочи кон други решенија, а најверојатно нов тренер ќе биде Маурицио Сари. Официјална потврда се уште нема, се чека да го раскине договорот со Челзи.