Пелистер мора да го заборави дебаклот од Вардар, следува нов тежок испит

Шампионот на Македонија, Пелистер вчера доживеа уште еден дебакл од Вардар и се уште ја чека првата победа на официјален натпревар во новата сезона.

Време за размислување на она што поминало нема бидејќи веќе в среда екипата ја очекува нов тежок испит. Пелистер гостува кај Алборг во второто коло од Лигата на шампионите. За разлика од претходните натпревари, сега можеби императивот не постои бидејќи се знае кој е фаворит, но битолчани мораат да се истакнат за да избегнат ново разочарување.

„Втор натпревар по ред играме против скандинавски ривал. Не треба да се трошат зборови за Алборг. Оваа екипа неодамна играше и финале на Лигата на шампионите, а сега се засилени со ракометари како Ландин и повратникот Хансен. Верувам дека ќе се издигнеме, ќе одиграме во рамките на нашите можности и достојно ќе го претставиме македонскиот ракомет“, изјави тренерот на Пелистер, Александар Јовиќ пред заминувањето за Данска.

Во редовите на Пелистер има и еден Данец, пикерот Андреас Јохан Нилсен од кого многу се очекува на претстојниот меч, но кој ќе има исклучително тешка задача.

„Добро го познавам тимот на Алборг, играв со многу ракометари во нивната екипа, а со некои често бев и противник. Сите знаеме колку се силни и тоа го покажаа на натпреварот против Киелце. Загубија во Суперкупот на Данска од ГОГ Гудме, но тоа и не е толку важно натпреварување во Данска. Многу поважно е како реагираа потоа и наредија само победи во данското првенство и Лигата на шампионите“, вели Данецот.

Натпреварот меѓу Алборг и Пелистер се игра в среда од 20:45 часот во Данска.