Полска синоќа ја освои европската титула откако во финалето ја прегази Италија со 3-0 и се одмазди за ланскиот пораз од истиот противник во финалето од Светското првенство.
Но, освен триумфот на Полска, шампионатот на кој учествуваше и македонската репрезентација го одбележа уште еден момент. За најдобар играч беше прогласен полскиот репрезентативец Вилфредо Леон, инаку роден Кубанец кој од 2007 до 2012 година настапуваше за својата татковина, а од 2019 година е член на полската репрезентација. Со Куба беше светски вицешампион во 2010, а со Полска го освои веќе четвртиот медал на големите натпреварувања, не сметајќи ја Лигата на нации.
Сличен случај имаше и на неодамнешното Европско првенство во женска конкуренција. Првпат во историјата, титулата ја освои Турција, но најзаслужна за тоа беше Кубанката, Мелиса Варгас која во финалето против Србија забележа 42 поена и, очекувано, беше прогласена за МВП на првенството.
Куба со години беше светска одбојкарска велесила, но имаше правило, одбојкарите од оваа земја да не можат да настапуваат во странство. За да го направат тоа, тие се одрекуваа од кубанското државјанство, мораа неколку години да чекаат дозвола за настап за друга држава, но го поминуваа тој „кошмар“ и сега се големи ѕвезди. Затоа, женската репрезентација на Куба може да ги сонува 90. години од минатиот век кога освои три титули по ред на олимписките игри и две на светските првенства. На последните мундијали, Куба го освојуваше 22., 21. и 12. место. Машката одбојкарска репрезентација не беше толку успешна, но сепак вадеше играчи од светски калибар, како што е случајот со Леон.