Откриени деталите од договорот, Алаба го „исцедил“ Перез

Долго време се шпекулираше колку Давид Алаба ќе заработува во Реал Мадрид. Се споменуваа разни суми. Од тоа дека заминал за помалку пари од она што Баерн му го нудел за продолжување на соработката (15.000.000 евра заедно со бонусите), до тоа дека го добил она што го сакал – да заработува како Роберт Левандовски, односно 20.000.000 годишно.

На оваа тема истражуваше германски „Шпигл“, весникот познат по ексклузивни информации од светот на фудбалот и финансиите и дојде до интересни податоци.

„Шпигл“ тврди: Реал Мадрид за пет години (без бонуси) ќе потроши за австрискиот репрезентативец дури 126.500.000 евра!

Според германскиот извор, Давид Алаба по сезона ќе заработува 19.470.000 евра. Станува збор за бруто износ, односно од овие пари на поранешниот играч на Баерн ќе му „легнат“ нешто повеќе од половина од парите, но тоа секако не го менува фактот дека за платата на Алаба Реал ќе мора да издвои (за пет години) дури 97.250.000 евра. Без бонуси за индивидуален учинок и клупски резултати.

Австриецот во Мадрид пристигна како слободен играч, а добро е позната праксата дека слободните играчи, особено оние од топ класа, добиваат вистинско богатство за таканаречен бонус за потпис. Според оваа ставка, тврди „Шпигл“, Алаба ќе добие 17.700.000 евра!

За уште две ставки Реал морал да издвои сериозна сума на пари. И тоа се оние „детали“ за кои Баерн упорно одбиваше да преговара, поради што агентот Пини Захави го одведе својот клиент во Мадрид. На познатиот агент, на име на провизија, мадридскиот великан му уплати 5.200.000 евра. И на крајот, тука е џепарлакот за родителите. „Само“ 6.300.000 евра, наведува германскиот весник.

И кога тоа ќе се собере, се доаѓа до астрономски 126.500.000 евра.

Информации кои секако одат во прилог на заговорниците на теоријата дека Реал и Барселона (пред се) само поради вакви работи сакаат формирање на европска Суперлига, бидејќи во тој случај би можеле да продолжат со вакво нерезонско работење.