Откако пропадна договорениот трансфер во Монца, Станковски се сели во Португалија

Еден од најдобрите млади играчи во Македонија и член на Работнички, Лука Станковски, имаше договорен трансфер со Монца, но истиот пропадна, а сега тој е на прагот да се пресели во Португалија.

Како што пишува најреномираниот спортски весник во оваа земја, „А Бола“, Лука Станковски е блиску до трансфер во Брага, еден од најголемите клубови во Португалија.

18-годишниот играч за врска беше договорен со Монца на Силвио Берлускони, кој успеа да се договори со „Романтичарите“ пред Наполи и Фенербахче, меѓутоа тој трансфер на крајот пропадна. Но, интересот за Станковски е огромен, а фаворит за неговиот потпис е Брага, која е подготвена да ги исполни условите на Работнички за трансферот на младиот фудбалер.